МААЕ: Саркофагот во Чернобил оштетен од дрон и повеќе не ја врши својата клучна безбедносна функција

8

Заштитниот саркофаг на нуклеарната централа Чернобил во Украина – изграден за да го задржи радиоактивниот материјал по катастрофата во 1986 година – веќе не може целосно да ја извршува својата главна безбедносна улога поради штета предизвикана од дрон, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Украина за нападот ја обвинува Русија.

Инспекцијата на МААЕ спроведена минатата недела утврдила дека ударите со дрон во февруари 2025 година ја оштетиле челичната конструкција, позната како Нов безбеден ковчег, која беше завршена во 2019 година.

Според генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, оштетувањето довело до губење на „основните безбедносни функции“, вклучувајќи го и капацитетот за задржување на радиоактивни материјали, но не биле забележани трајни оштетувања на носечките елементи или мониторинг системите.

Привремени поправки веќе се направени, но Гроси предупреди дека е неопходна сеопфатна реконструкција за да се спречи понатамошно влошување и да се гарантира долгорочна нуклеарна безбедност.

Украинските власти тврдат дека дронот што го погодил објектот на 14 февруари бил руски и дека експлозијата предизвикала пожар и оштетила дел од заштитната обвивка над разрушениот реактор број 4. Москва ги негира обвинувањата.

МААЕ соопшти дека нивото на радијација околу централата останува нормално и стабилно, и дека нема знаци на истекување.

Makedonski