Во Кавадарци денес се одржува 18. Конгрес на ВМРО–ДПМНЕ: Мицкоски единствен кандидат за нов мандат
Во Кавадарци денеска се одржува 18. Конгрес на ВМРО–ДПМНЕ, на кој се очекува Христијан Мицкоски да биде реизбран за претседател на партијата, како единствен кандидат за функцијата. Настанот се одржува под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, а организаторите најавија присуство на околу 2.600 учесници, од кои околу 850 делегати и речиси 1.800 гости.
На Конгресот треба да биде усвоена и новата „Стратегија Македонија 2030“, документ што ја дефинира визијата на партијата за развојот на државата во наредната деценија. Според Мицкоски, стратегијата ги утврдува клучните столбови врз кои ВМРО–ДПМНЕ ја темели својата политика: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и заштита на македонскиот идентитет.
Конгресот ќе се одвива по утврденото сценарио – усвојување дневен ред, избор на работно претседателство, претставување и усвојување на стратегијата, избор на изборна комисија, делегатски обраќања и гласање за претседател на партијата. Делегатите ќе имаат пристап до стратегијата преку QR-код на акредитациите.
Мицкоски најави дека, доколку биде реизбран, ова ќе биде негов последен мандат на чело на партијата, бидејќи Статутот дозволува максимум три мандати. Тој истакна дека нема да поддржи каква било иницијатива за промена на тоа правило.
Лидерот на ВМРО–ДПМНЕ нагласи дека партијата денес за првпат нема долгови, за разлика од ситуацијата во 2018 година.
Стратегијата „Македонија 2030“ предвидува ориентација кон европска десничарска социјална пазарна економија, дигитална трансформација на институциите, професионална и департизирана администрација, независно судство и политики што ќе го задржат талентот во земјата.
Од партијата истакнуваат дека целта е да се изгради ефикасна, транспарентна и современа држава, базирана врз владеење на правото, функционален систем и реформирана државност – како предуслов за европеизација.