Македонија започнала формални преговори со Велика Британија за можноста да прифаќа мигранти на кои им е одбиено барањето за азил во Обединетото Кралство
Македонија започнала формални преговори со Велика Британија за можноста да прифаќа мигранти на кои им е одбиено барањето за азил во Обединетото Кралство, пренесува британскиот „Дејли мејл“, повикувајќи се на владини извори. Информацијата ја пренесоа и други британски медиуми.
Според нивните извештаи, планот предвидува Велика Британија да ѝ плаќа на Македонија за секој мигрант што би го прифатила, како и дополнително да инвестира во земјата – особено во безбедносниот сектор, во контекст на зголемено руско влијание во регионот.
Од Британската амбасада во Скопје потсетуваат дека во мај годинава, по средбата на премиерите Кир Стармер и Христијан Мицкоски, беше воспоставено Стратешко партнерство насочено кон продлабочување на политичката, економската и безбедносната соработка меѓу двете држави. Како дел од тоа, е потпишано и владинско партнерство за реализација на критични инфраструктурни проекти, вклучително и брзата железница на Коридорот 10.
Амбасадата објави и дека Македонија и Британија веќе соработуваат преку Заедничката работна група за миграција, која има цел да се бори против нерегуларната миграција, организираниот имиграциски криминал и да го зајакне споделувањето безбедносни информации.
Од таму додаваат дека Лондон „цврсто стои покрај својот НАТО-сојузник“ во унапредувањето на просперитетот, безбедноста и економскиот развој на Македонија.