„Кој е следен?“ ќе учествува на седницата на Анкетната комисија за претставката на здружението „16-ти Март“

9

Протесното движење „Кој е следен?“ ќе присуствува на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, која Собранието ја закажа за 9 декември 2025 година. Единствена точка на дневниот ред ќе биде претставката поднесена од здружението на родителите од Кочани „16-ти Март“, со која се бара утврдување политичка одговорност и измени на законските решенија за да се спречат идни трагедии од сличен тип.

Во пресрет на оваа седница, движењето „Кој е следен?“ најави дека на 6 декември (сабота) во 18 часот ќе одржи јавен онлајн состанок, отворен за сите заинтересирани граѓани.

„Сакаме да ги вклучиме ставовите и барањата на што е можно повеќе луѓе и да бидеме гласноговорници на народот во Македонија, кој упорно е занемарен, игнориран и изманипулиран од институциите што треба да го претставуваат. Сите добиени предлози и забелешки ќе ги систематизираме и ќе ги презентираме пред пратениците и присутните на седницата“, соопштија од движењето.

Од „Кој е следен?“ истакнуваат дека процесот мора да биде транспарентен, инклузивен и насочен кон утврдување на политичката одговорност, како и кон унапредување на механизмите за заштита на граѓанските права.

„Гласот на сите нас мора да има свое место во институционалните процеси, особено кога станува збор за безбедност, политичка одговорност и работата на надлежните органи. Наше е да се погрижиме секое релевантно мислење да биде слушнато и точно пренесено“, порачуваат од движењето.

Makedonski