Откако црногорската Влада привремено воведе визи за турските државјани, речиси 9.000 Турци ја напуштиле Црна Гора, а 31 турска компанија се затворила

7

Од крајот на октомври, кога црногорската Влада привремено воведе визи за турските државјани, речиси 9.000 Турци ја напуштиле Црна Гора, а 31 турска компанија се затворила само во ноември, пренесуваат подгорички медиуми.

Одлуката за укинување на безвизниот режим следеше по инцидентот од 25 октомври во населбата Забјело, каде што со нож беше ранет 25-годишен жител на Подгорица. Иако првичните полициски информации упатуваа на вмешаност на Турци и Азербејџанци, подоцна беше утврдено дека во нападот биле инволвирани двајца државјани на Азербејџан, без учество на Турци.

Инцидентот беше проследен со десничарски протести, при што беа запалени неколку продавници во сопственост на турски државјани.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, од 27 октомври до денес земјата ја напуштиле 8.935 турски државјани. Истовремено, бројот на посети од Турција значително опаднал.

Порталот Банкар објави дека повеќе од 30 турски компании се затворени во последниот месец, што значи просечно по една дневно. Даночната управа потврди дека турските граѓани досега регистрирале 2.140 правни лица во Црна Гора, најмногу во трговија на големо, градежништво, угостителство, консултантски услуги и лизинг на возила.

Според официјалните податоци, 31 турска компанија е избришана од Централниот регистар во последниот месец, а 234 од почетокот на 2025 година.

Овие бројки, како што оценуваат економските аналитичари, укажуваат дека инцидентите и визниот режим негативно влијаат врз пазарот и деловната клима, а дел од турските инвеститори го преиспитуваат својот престој во државата.

Министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ изјави дека очекува наскоро повторно укинување на визите за турските граѓани и најави интензивирана соработка меѓу безбедносните служби на двете земји.

„Верувам дека брзо ќе ги ослободиме визите за турските граѓани“, изјави Ибрахимовиќ.

Makedonski