Четири европски земји ќе бојкотираат Евровизија 2026 поради учеството на Израел
Ирска, Шпанија, Холандија и Словенија ќе го бојкотираат следното издание на Евровизија, откако Европската радиодифузна унија (ЕБУ) одлучи да му дозволи на Израел да учествува и покрај барањата за негово исклучување поради војната во Газа и обвинувањата за нефер влијание врз гласањето.
Шпанскиот јавен сервис RTVE бил меѓу најгласните кои побарале тајно гласање за учеството на Израел на состанокот во Женева, но нивното барање било одбиено. Ирската RTÉ изјави дека во услови на „ужасна загуба на животи и тешка хуманитарна криза во Газа“, не може да гарантира учество без понатамошни консултации.
Шпанија, како една од „Големата петка“, традиционално настапува директно во финалето поради големиот финансиски придонес во ЕБУ, но оваа година избира да отсуствува од натпреварот.
На состанокот на кој присуствувале околу 50 радиодифузери, меѓу кои и Би-Би-Си, ЕБУ побара поддршка за нови правила кои треба да спречат политички или организирани кампањи за гласање. Гласањето за нивно прифаќање било поврзано со клаузула која забранува понатамошно гласање за статусот на Израел, што фактички го потврди учеството на земјата следната година.
„Евровизија мора да остане политички неутрална“, изјави директорот на натпреварот, Мартин Грин, по дебатата која ја опиша како „искрена и трогателна“.
Израелскиот претседател Исак Херцог ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „гест на солидарност и соработка“ и симбол на отпор против обидите за замолчување на земјата. Првиот човек на израелскиот радиодифузер KAN, Голан Јохпаз, го окарактеризира обидот за дисквалификација како „културен бојкот“ кој, според него, можел да има пошироки последици и за други земји.
Би-Би-Си ја поддржа колективната одлука на ЕБУ, наведувајќи дека се залага за „спроведување на правилата и инклузивност“.
Евровизија 2026 ќе се одржи без дел од своите традиционални учеснички, а одлуката веќе отвора прашања околу идното единство и кредибилитет на еден од најголемите музички настани во светот.