Казнет „Ванила фуд“ по мaсовното труење во „Димо Хаџи Димов“ – во мусаката откриена бактерија „Enterobacteriaceae“

8

Операторот со храна „Ванила фуд“ е казнет со вкупно 900 евра – 600 евра за правното лице и 300 евра за одговорното лице – поради утврдени микробиолошки пропусти во храната што минатата недела им била послужена на учениците во основното училиште „Димо Хаџи Димов“. Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), анализите покажале дека мусаката не ги исполнувала микробиолошките стандарди за безбедност и содржела бактерии од групата Enterobacteriaceae.

Од АХВ информираат дека во рамки на вонредните превентивни контроли во девет основни училишта биле земени мостри од храна и брисеви од работни површини. Во една мостра намаз е детектирано присуство на Escherichia coli, поради што е наредено негово итно повлекување од употреба. Два брисеви исто така биле позитивни, но не содржеле патогени бактерии.

„Заради утврдените недоследности на операторот му се изречени две парични казни од по 900 евра. Дополнително, поради непоседување сертификат за хигиенски курс за едно лице и недоволни технички услови за работа, како што е недостигот на топла вода во две училишни кујни, изречени се уште 650 евра казни“, соопштува АХВ.

По наредената генерална дезинфекција во кујната на ОУ „Димо Хаџи Димов“, инспекторите повторно земале брисеви од работните површини за да ја потврдат безбедноста. Вработените од кујната се испратени на вонредни здравствени прегледи, а објектот ќе остане затворен додека лабораториските резултати не покажат дека нема ризик за здравјето на учениците.

Инспекциските контроли беа спроведени по масовното труење на најмалку четириесет ученици од одделенска настава, кои на 26 ноември по консумирање појадок и ручек во училиштето развиле симптоми – стомачни болки и нарушувања на дигестијата. Директорката Лела Николоска потврди дека децата за појадок добиле корнфлекс со млеко, а за ручек мусака.

Дополнителните анализи покажале присуство на грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae во примерокот од мусаката, како и фекални бактерии на три чешми во училиштето. Инспекциите продолжуваат сè додека не се обезбедат услови за безбедна подготовка и послужување на оброците.

Makedonski