Костадинов: „Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело“

13

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, преку својот Фејсбук профил реагираше по објавата на МВР дека против него и уште пет лица е поднесена кривична пријава поврзана со јавната набавка на електричните автобуси.

Костадинов истакна дека ги отфрла сите наводи за сомнение за сторено кривично дело и потенцира дека проектот за електричен јавен превоз бил од стратешко значење за општината и дека денес носи „јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити“ за граѓаните.

Тој појасни дека целата постапка била спроведена институционално и процедурно:

  • иницирана од Општина Струмица,

  • изгласана од Советот на Општината,

  • со јасни насоки за формирање на Јавно сообраќајно претпријатие и спроведување јавна набавка.

„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Стоиме на располагање на сите надлежни органи за целосно појаснување на проектот кој денес беспрекорно функционира“, напиша Костадинов, додавајќи дека не сака да даде политички коментар.


Кривични пријави поднесени од МВР

Министерството за внатрешни работи соопшти дека СВР Струмица поднела кривична пријава против:

  • К.К. (35) од Струмица – поранешниот градоначалник, за кривично дело „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“

  • Д.П.С. (61), К.Б. (37), Л.Ј. (63) и Л.Ѓ. (62) – поради сомнение за „несовесно работење во службата“

  • Г.П. (58) од Скопје – поради помагање при извршување на двете наведени кривични дела

Според МВР, постојат основи на сомнение дека при постапката за јавната набавка на електричните автобуси биле направени неправилности.

Makedonski