Сопственикот на фарма со над 500 крави и неговите ќерки во осумдневен притвор

18

Сопственикот на фарма со повеќе од 500 грла крупен добиток и неговите две ќерки ќе бидат задржани во осумдневен притвор, дознава Телма. Јавното обвинителство претходно соопшти дека ОЈ Крива Паланка поведува постапка против трите лица за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

Според обвинителството, осомничените на 2 декември со употреба на сила и сериозни закани ги спречиле службените лица од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои со полициска асистенција требало да постапат по правосилно и извршно решение за одземање крупен добиток.

Обвинителот ја зел предвид опасноста од бегство, како и можноста осомничените да го повторат делото, па до надлежниот суд поднел предлог за определување притвор.

Од страна на семејството, ќерката Ѓорѓиевска претходно за Телма изјави дека никој од АХВ не ги контактирал пред интервенцијата, ниту им бил покажан документ за постапувањето. Таа побара итна, независна и транспарентна истрага за употребата на сила врз нив, за сурово постапување со животните, за евентуално прикривање докази и за заштита на нивните човекови права.

Македонски