Ахмети најави протест во Скопје на 13 декември во поддршка на поранешните лидери на ОВК
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, најави дека следниот протест за поддршка на поранешните водачи на ОВК, кои се соочуваат со судски процеси во Хаг, ќе се одржи во Скопје на 13 декември.
Протестот е закажан за 13:00 часот на плоштадот „Скендербег“, соопшти Ахмети, додавајќи дека целта е да се побара „правда“ и да се изрази поддршка за, како што ги нарече, „ослободителите кои неправедно се држат во затворите во Хаг“.
Ахмети ги повика Албанците да се приклучат на протестот и да ја демонстрираат, како што изјави, „чистата борба за слобода и независност“.
Лидерот на ДУИ веќе учествуваше на протестните маршеви што неодамна се одржаа во Приштина и Тирана во поддршка на поранешните команданти на ОВК.
Во Специјализираниот суд во Хаг им се суди на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за обвиненија поврзани со воени злосторства извршени за време на конфликтот на Косово.