„Безбеден град“ регистрирал 231 km/h на скопската обиколница – највисока брзина досега

7

Највисоката брзина регистрирана од системот „Безбеден град“ е неверојатни 231 километри на час, измерени на скопската обиколница на 1 декември – првиот ден од пробното функционирање на системот. Ова го открија Маја Арсовска-Манов од МВР и државниот советник Владимир Велковски во емисијата Топ Тема на Телма.

Истата вечер МВР соопшти дека само во првите 12 часа биле регистрирани над 65.000 прекршоци, а за 24 часа вкупно 110.000. Вториот ден бројката се намалила на 50.652 прекршоци, но и понатаму доминираат прекршувањата на ограничувањето на брзината – 48.861 случаи. Забележани се и 1.366 поминувања на црвено, како и 425 нерегистрирани возила.

На вториот ден од тестирањето е измерена и друга екстремна брзина – 209 километри на час.

Каде се вози најбрзо?

Според МВР, најмногу прекршоци за брзо возење се регистрирани на:

  • излезот од Скопје кон Тетово – 4.300 прекршоци,

  • булевар „Никола Карев“ (пластичарска) – 3.000 прекршоци.

Реакции од граѓаните: казни за 51–52 km/h и дебати за толеранција

Голем број возачи добиле опомени за возење со 51 или 52 km/h, што покрена остри реакции на социјалните мрежи. Граѓаните укажуваат дека во многу европски држави постои праг на толеранција (обично 5–10 km/h) под кој не се казнува.

Има забелешки и дека возачите повеќе гледаат во брзинометарот отколку на патот, дека дел од локациите немаат соодветна сигнализација, како и дека некои опомени не стигнале до вистинските сопственици.

Тошковски: „Има слабости, тест периодот можеби ќе се продолжи“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски призна дека системот има недостатоци и најави можност за продолжување на тест-периодот.

Тој истакна дека казните важат за сите, вклучително и за:

  • службени возила,

  • странци,

  • возачи на функционери (освен ако возилото има полициска придружба).

„Досега се казнети најмалку тројца возачи кои во моментот возеле министри,“ рече Тошковски.

Изземок ќе има само за возила како Брза помош, МВР и АРМ – но само во услови пропишани со Закон.

Makedonski