Автобиографијата на Алексис Ципрас „Итака“ распродадена за неколку часа – открива неизговорени приказни од 2015 година

7

Автобиографиите секогаш предизвикуваат силен интерес, а поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас добро го знаел тоа кога ја подготвувал својата книга „Итака“, која вчера беше пуштена во продажба и за само неколку часа целосно се распродаде. Првично беа отпечатени 33.000 примероци, а издавачката куќа „Гутенберг“ веќе најави нов тираж од неколку илјади книги.

Според грчките медиуми, Ципрас во книгата расчистува со повеќе поранешни соработници и затвора некои од најконтроверзните поглавја од неговата политичка кариера, особено оние поврзани со драматичните преговори со меѓународните кредитори во 2015 година. Дел од критиките што ги упатува се насочени и кон луѓе од неговата најтесна партиска околина, кои – како што тврди – постојано го влечеле „за левиот ракав“ и вршеле притисок за потврда на нивните идеолошки позиции.

Посебен фокус има и на неговиот поранешен коалициски партнер, лидерот на десничарската Анел, Панос Каменос. Иако многумина очекуваа дека Ципрас целосно ќе се дистанцира од периодот на нивното заедничко владеење, тој во книгата наведува дека одредени негови тогашни соработници му предизвикувале далеку поголеми проблеми од самиот Каменос.

Преспанскиот договор и критиките кон Мицотакис

Во дел од книгата што го пренесе „Катимерини“, Ципрас остро го критикува актуелниот премиер Киријакос Мицотакис за неговиот став кон Преспанскиот договор.

„Тој го измисли бедниот наратив дека ‘Ципрас ја размени Македонија за пензии’. Кога првпат го слушнав тоа, не можев да верувам. Не очекував да падне толку ниско“, пишува Ципрас.

Тој нагласува дека Преспанскиот договор го брани во секоја прилика и дека тоа било една од најтешките, но и најважните одлуки за време на неговиот мандат.

„Итака“ како обид за расчистување со минатото – и најава за политичка иднина

Како што пренесува порталот „24/7 њуз“, главната цел на автобиографијата е да се расчистат „сенките“ од 2015 година и третиот меморандум. Ципрас тврди дека никогаш не размислувал за излегување на Грција од еврозоната, иако дел од неговите соработници тогаш го туркале во таа насока. Негови критики во книгата добиваат и челните луѓе на меѓународните финансиски институции – Лагард, Томсен, Реглинг и Волфганг Шојбле – кои ги опишува како „тешки партнери“ во преговорите.

Книгата, според политички аналитичари, е првиот чекор што Ципрас го прави кон можно враќање на политичката сцена. Се шпекулира дека формирањето нова партија е веќе донесена одлука, а успехот на „Итака“ и растечката популарност во анкетите ќе имаат важна улога во неговите следни потези.

На крајот од книгата, Ципрас остава симболична најава: „И кога ќе стигне до Итака, откако малку ќе се одмори во пристаништето на мирот, таа го подготвува бродот за нови хоризонти, а ние – поискусни, помудри, поподготвени – го заземаме местото во екипажот“.

Тринаесет клучни фигури – и многу неизговорени приказни

Во „Итака“ Ципрас преку дијалози, сведоштва и лични впечатоци ги опишува односите со 13 значајни личности од грчката и меѓународната сцена, од времето кога беше во премиерската фотелја и подоцна како лидер на опозицијата.

Посебно место зазема тогашниот министер за финансии Јанис Варуфакис, кој, според Ципрас, од почетна предност се претворил во „негативен протагонист“ на грчката криза. Ципрас опишува дека Варуфакис брзо го изгубил кредибилитетот кај колегите од Еврогрупата, се изолирал и ја туркал земјата кон опасни сценарија, вклучително и идејата пензионерите да добиваат „купони“ наместо пари.

„Кога го слушнав тоа, не знаев дали да плачам или да се смеам“, пишува поранешниот премиер.

Варуфакис поднесе оставка во 2015 година, по што двајцата политичари одржуваа формално коректни, но видливо заладени односи.

Зошто „Итака“?

Книгата го носи името на островот во Јонското Море, каде што Ципрас во 2018 година ја објави официјалната изјава за излезот на Грција од долгогодишната економска криза – место кое симболично го претставува неговото политичко патување, но и новите хоризонти што, според него, допрва доаѓаат.

Македонски