Собранието го одби предлогот на Левица за двојно зголемување на повратот на ДДВ преку „Мој ДДВ”

5

Собранието денеска го одби предлогот на пратеничката група на Левица за измени на Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица, со кој се предвидуваше максималниот износ за поврат преку системот „Мој ДДВ” да се зголеми од 2.100 на 4.100 денари по лице на тромесечие. Левица оцени дека со одбивањето власта пропуштила можност да им остави повеќе пари на граѓаните во период на растечки цени.

Двојно зголемување на повратот

Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил-Хактан, го образложи предлогот, објаснувајќи дека интервенцијата се заснова на истите цели и начела врз кои постојниот закон веќе функционира, со клучна разлика во износите.

„Максималниот износ за поврат на ДДВ го зголемуваме од 2.100 денари на 4.100 денари по лице по тромесечие”, рече Исмаил-Хактан.

За новиот износ да стане достижен, предлогот предвидуваше и зголемување на процентите на поврат:

  • Македонски производи и услуги: од 20 на 40 отсто
  • Останати производи и услуги: од 10 на 20 отсто

„Со ова максималниот износ од 4.100 денари по лице по тромесечие станува достижен, исто како што сега е достижен износот од 2.100 денари”, појасни пратеникот.

Пропуштена можност

Од Левица оценија дека со одбивањето на предлогот, власта пропуштила можност да им остави повеќе пари на граѓаните токму во период кога растот на цените сериозно го притиска животниот стандард.

„Левица останува на ставот дека даночниот систем мора да стане поправеден, со политики кои ќе ја штитат куповната моќ на работниците и ќе го намалат товарот што денес непропорционално најмногу и најсилно паѓа врз граѓаните”, порачаа од партијата.

Македонски