Владата нема да прогласи кризна состојба – Мицкоски: Нема потреба, имаме најниска цена на нафта во регионот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека Владата засега нема да прогласи кризна состојба, која е предуслов за интервенција во акцизата и ДДВ-то на нафтените деривати. Барањата на опозицијата за намалување на даноците ги нарече „соцболшевизам” и „несериозни предлози”, нагласувајќи дека Македонија има убедливо најниска цена на нафта во регионот.
„Не гледаме потреба од кризна состојба”
„Во моментов не гледаме потреба од прогласување на кризна состојба”, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за состојбата на пазарот со нафтени деривати по значителното поскапување кое стапи на сила од полноќ.
На барањата на СДСМ и ДУИ за намалување на акцизите и ДДВ-то, премиерот одговори дека намерно не ги прокоментирал.
„Понекогаш молкот е доволен одговор на некои прашања. Станува збор за несериозни, непрецизни и неточни предлози. Во еден момент ги слушате како создаваат хистерија за 600-700-800 евра минимална плата, а од друга страна велат да се избришат даноците – нè враќаат во еден вид соцболшевизам”, рече Мицкоски.
Најниска цена во регионот
Премиерот направи споредба на цените на дизелот со соседните земји по вчерашното поскапување:
- Македонија: 1,39 евра (85,5 денари)
- Бугарија: 1,41 евра (+1,4%)
- Косово: до 1,51 евра (+10%)
- Грција: 1,59 евра (+15%)
- Србија: 1,73 евра (+25%)
- Албанија: 1,79 евра (+30%)
„Како држава имаме убедливо најниска цена на нафта, но од друг аспект, во пограничните општини се создава притисок од соседството, бидејќи граѓани од соседните земји доаѓаат да точат дизел и затоа на некои пумпи побрзо снема гориво, но тоа брзо се надоместува”, објасни Мицкоски.
Нема опасност од недостиг
Премиерот нагласи дека Државниот пазарен инспекторат е континуирано на терен и дека нема прекини во снабдувањето. Тој потврди дека се очекува притисок, особено во западниот дел од државата, но дека количините се доволни.
„Разговараме со дистрибутерите и компаниите. Во моментот нема опасност од каков било недостиг”, рече Мицкоски, додавајќи дека на светските берзи цената на Brent паѓа од вчерашниот пик од 120 на околу 90 долари за барел.
Утре состанок со синџирите маркети
Мицкоски најави за утре состанок со сопствениците на синџирите супермаркети и хипермаркети со цел спречување на неоправдано зголемување на цените на прехранбените производи.
„Сакам да поразговарам да не се користи овој притисок веднаш да се зголемат цените и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните, за да не мораме ние како Влада да преземаме друг тип на офанзивни мерки”, предупреди премиерот.
Тој нагласи дека Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците.
„Очекуваме тие да имаат фер однос кон граѓаните, за и ние како Влада да бидеме фер кон нив. Заеднички да го заштитиме стандардот на граѓаните – тоа е наша цел и приоритет”, заклучи Мицкоски.