Традиционален марш за 8 Март во Скопје: „Ниту една повеќе” – граѓаните бараат системска промена
Граѓани и граѓанки денеска со масовно присуство излегоа на традиционалниот марш по повод Меѓународниот ден на жената во Скопје, испраќајќи силна порака дека борбата за родова еднаквост не смее да биде симболична и ограничена само на еден ден во годината. Со транспаренти „Ниту една повеќе”, „Од Скопје до борба без граници” и „Здраво, колку букети ви е животот”, учесниците повикаа на системско унапредување на правата на жените.
Празничните честитки не се доволни
Учесниците на маршот нагласија дека празничните честитки и симболичните гестови не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и дискриминацијата.
Дел од транспарентите упатуваа пораки за солидарност и заедничка борба за подобри услови за живот и работа на жените, меѓу кои и „Повеќе ќе те сакам ако си со мене на марш”.
Повик до институциите и општеството
Маршот помина во мирна атмосфера, а присутните повикаа институциите, но и целото општество, активно да се вклучат во создавање поправедна и похумана средина. Според учесниците, вистинско и правично општество е возможно само доколку правата на жените се унапредуваат системски и континуирано, а еднаквите права и можности за жените се основен предуслов за демократски развој и за напредок на целото општество.
Тетово го одбележува празникот со транспарент
Покрај полните тротоари, ресторани и молови тетовчанки за Меѓународниот ден на жената упатија порака преку транспарент истакнат на подвозникот на влезот во градот – „Фемицидот нема етничка припадност“.
