Потребна беше трагедија за МВР да отпочне со кривични пријави за семејно насилство, 21 кривична пријава за семејно насилство во последните две недели
Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на последните две недели поднело 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство, при што шест пријави биле поднесени по брза постапка. Во истиот период се регистрирани 39 настани поврзани со семејно насилство и 63 поплаки од граѓани.
Обид за убиство, силување и тешка телесна повреда
Најзастапени кривични дела во делот на семејното насилство се:
- Загрозување на сигурноста: 11 случаи
- Телесна повреда: 10 случаи
- Тешка телесна повреда: 1 случај
- Неизвршување судска одлука: 1 случај
- Противправно лишување од слобода: 1 случај
- Обид за убиство: 1 случај
- Полов напад и силување: 1 случај
За случајот „обид за убиство” во Скопје од пред неколку дена, МВР посочува дека сторителот е лишен од слобода и дека се преземаат интензивни мерки за целосно документирање на настанот.
Пет пријави за родово базирано насилство
На подрачјето на СВР Скопје поднесени се и пет кривични пријави за родово базирано насилство – три за делото „загрозување на сигурноста” и две за кривичното дело „демнење”.
Пет мерки притвор
Во истиот период се определени пет мерки „притвор” и една мерка „претпазливост” на подрачјето на СВР Скопје.
По сектори за внатрешни работи, поднесените кривични пријави се распоредени на следниов начин:
- СВР Скопје: 5 пријави
- СВР Струмица: 5 пријави
- СВР Охрид: 4 пријави
- СВР Штип: 3 пријави
- СВР Куманово: 2 пријави
- СВР Тетово: 1 пријава
- СВР Велес: 1 пријава
Тренд на зголемени мерки притвор
МВР нагласува дека во 2025 година е забележан тренд на зголемување на бројот на изречени мерки „притвор” во рамки на кривичните пријави по брза постапка, а тој тренд продолжува и во 2026 година, особено по последните законски измени.