Претседателот на Собранието Гаши: Жените се цврстиот корен на човештвото – честитка за 8 Март

6

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, упати честитка до сите жени по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, изразувајќи благодарност и почит за нивната сила, посветеност и непроценлив придонес во секоја сфера на општеството.

Во честитката, Гаши истакна дека 8 Март е потсетник на значајната улога на жените во јавниот и општествениот живот.

Овој посебен ден ни дава можност да ја истакнеме важноста на застапеноста на жените во јавниот живот, да оддадеме признание за вашиот неспоредлив придонес во секоја област на општеството и повторно да потврдиме дека жените се цврстиот корен на човештвото, наведе Гаши.

Претседателот на Собранието го означи овој ден како прилика за размислување, но и за заложба за унапредување, гарантирање и заштита на правата на жените.

Како претседател на Собранието, сакам да ве уверам дека овој дом на сите граѓани ќе продолжи да ја поддржува секоја иницијатива што ја унапредува оваа кауза, порача Гаши.

Гаши упати повик и до мажите да бидат дел од напорите за постигнување родова еднаквост, нагласувајќи дека тоа не е само женска кауза, туку заедничка одговорност на целото општество.

„Почитувањето на мајките во семејството и правичното вреднување на жените во јавниот живот е морална и човечка обврска. Продолжете да бидете силата, разумот и доблеста на нашето општество”, заклучи Гаши.

Македонски