ВМРО-ДПМНЕ: Функционерите на СДСМ се однесуваат како секта, а не како политичка партија
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во писмена реакција до медиумите остро ги критикуваше настапите на опозицискиот СДСМ, оценувајќи дека партијата функционира „како затворен круг кој живее од сопствени заблуди” и дека нејзините прес-конференции произведуваат „нервоза, паника и очај” наместо аргументи и рационална политика.
„Исти фрази, исти напади, исти координирани настапи”
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека начинот на кој функционерите на СДСМ се однесуваат сè повеќе наликува на секта, а не на политичка партија.
„Кога една политичка структура ќе почне да функционира како затворен круг кој живее од сопствени заблуди и постојано ги повторува истите конструкции, тогаш станува јасно дека проблемот одамна не е политички, туку многу подлабок”, стои во реакцијата.
„Стравот ги тера низ темни ходници”
Владејачката партија оценува дека опозицијата реагира нервозно поради стравот од сопствениот политички крај и одговорноста за, како што наведуваат, „пустошот што го оставија зад себе”.
„Затоа реагираат нервозно, затоа врескаат на прес-конференции и затоа очајно се обидуваат секоја трагедија да ја претворат во политички циркус”, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Повик за преиспитување
Партијата ги повика функционерите на СДСМ да застанат и да се преиспитаат.
„Ако барем малку се погледнат од страна, ќе сфатат дека ова што го прават не е политика, туку симптом на сериозна политичка и психолошка криза”, се додава во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ ги негира и отфрла обидите трагедиите да се злоупотребуваат за дневнополитички напади и порача дека „Македонија заслужува сериозна политика, а не политичка хистерија”.