Претседателката на Косово го распушти парламентот – најавени вонредни избори
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска го потпиша указот за распуштање на парламентот и најави распишување вонредни парламентарни избори, откако пратениците не успеаја да изберат нов претседател во уставно предвидениот рок. Османи изјави дека ситуацијата „беше целосно избежна” и дека е „голема несреќа што пратениците не го избраа интересот на народот”.
Неуспешен избор на претседател
На вонредна седница одржана доцна во четвртокот, само неколку часа пред истекот на уставниот рок, парламентот го прекина изборниот процес поради недостаток на кворум. Во салата беа присутни 66 пратеници од владејачката коалиција, додека опозициските пратеници беа отсутни.
Според уставните одредби, за избор на претседател потребни се 80 гласа во првите два круга на гласање, а најмалку 61 во третиот круг.
Пропаднаа и уставните амандмани
Претходно, беше одржана и седница за разгледување на уставните амандмани поднесени од претседателката Османи, со кои се предвидуваше воведување директно гласање за претседател. И оваа седница беше прекината поради недостаток на кворум.
Обид за суспендирање на рокот
По неуспехот на двете седници, претседателката на Собранието, Аљбулена Хаџиу, се обрати до Уставниот суд со барање за донесување привремена мерка за суспендирање на уставниот рок за избор на претседател. Сепак, претседателката Османи одлучи да го распушти парламентот.
Консултации за датумот на изборите
Османи најави дека во текот на денот ќе одржи консултации со лидерите на парламентарните партии во врска со утврдувањето на датумот за вонредните парламентарни избори.