Уставниот суд поведе постапка за одлуката за промена на имиња на улици во Тетово од 2007 година

3

Уставниот суд на својата последна седница одлучи да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на одлуката за промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, донесена од Советот на Општината на 24 април 2007 година. Иницијативата беше поднесена од општинската организација на Сојузот на борците од НОБ од Тетово.

Спорна одлука стара речиси две децении

Одлуката на Советот на Општина Тетово, донесена во април 2007 година и објавена во Службениот гласник на Општината, предвидуваше промена на името на градскиот плоштад „Маршал Тито” и на десетина булевари и улици кои носеа имиња на јунаци и настани од антифашистичкото минато.

Според Сојузот на борците, одлуката била донесена со гласовите на советниците од сите тогаш претставени политички партии во Советот.

Сојузот на борците: Неуставна и незаконска одлука

Иницијативата за преиспитување на одлуката беше поднесена на 11 февруари 2025 година од општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија од Тетово.

„Сојузот на борците јавно ја поздравува одлуката на Уставниот суд да ја прифати иницијативата и да поведе постапка која ќе резултира со поништување на неуставната и незаконска одлука на Советот на Општина Тетово”, стои во реакцијата.

Од Сојузот додаваат дека со спорната одлука биле сменети имиња на улици кои носеле имиња на „јунаци и настани од антифашистичкото славно минато на македонскиот народ и глобалната антифашистичка коалиција”.

Критика кон актуелниот градоначалник

Сојузот на борците се осврна и на актуелната политичка клима, посочувајќи дека промената на имињата на улиците кои носат имиња на македонски херои и јунаци од светската антифашистичка коалиција е „јавно објавена цел на градоначалникот на Општина Тетово, кој за нив дава квалификација дека се од темното минато”.

Македонски