Неколку американски борбени авиони се урнаа во Кувајт – без жртви

Инцидентот се случи на третиот ден од иранските удари врз земјите од Заливот.

4

Неколку американски борбени авиони се урнаа во Кувајт утрово, но членовите на екипажите преживеале, соопшти кувајтското Министерство за одбрана, цитирано од Франс прес, пренесе БТА.

Агенцијата нагласува дека инцидентот се случи на третиот ден од иранските удари врз земјите од Заливот.

Спасувачки операции и евакуација

„Надлежните органи веднаш започнаа спасувачки операции и ги евакуираа екипажите, кои беа префрлени во болница”, изјави портпаролот на министерството, прецизирајќи дека состојбата на пилотите е стабилна.

Од подрачјето околу американската амбасада во Кувајт претходно денеска беше забележан чад, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на сведоштво на очевидец. На местото пристигнаа екипи на противпожарната служба и возила на итна медицинска помош.

Амбасадата повика на засолнување

Американската амбасада во Кувајт ги повика граѓаните да не ја посетуваат, туку да се засолнат. Иранската новинска агенција Таснин пренесе дека вооружените сили на Иран соборија над Кувајт ловец на американското воздухопловство. Според информациите, пилотите на авионот се катапултирале.

Кувајт пресретнал дронови

Кувајт соопшти дека неговата противвоздушна одбрана денеска пресретнала непрецизиран број дронови со кои била нападната кувајтската територија, пренесе Франс прес, повикувајќи се на кувајтската новинска агенција КУНА. Повредени нема.

Ескалација по загинувањето на Хамнеи

Иран презеде удари врз земјите од Заливот, откако иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен при израелско-американскиот напад започнат во сабота. Од почетокот на иранските одговори, Кувајт пријави едно загинато лице и 32 повредени на своја територија.

Македонски