Иран пред неизвесна транзиција: Кој може да го наследи Хамнеи по заедничките удари на САД и Израел?
Иранскиот верски естаблишмент се соочува со сериозна институционална и политичка неизвесност по убиството на врховниот лидер Ајатолах Али Хаменеи во заеднички американско-израелски воздушни напади.
Долгогодишниот лидер, кој речиси четири децении владееше со цврста рака, не остави официјално назначен наследник. Според уставот на Исламската Република, новиот врховен лидер го избира телото составено од 88 високи свештени лица – Собрание на експерти.
Ретка и сложена процедура
Од формирањето на Исламската Република во 1979 година, ова тело само еднаш ја спровело постапката за избор на врховен лидер – по смртта на Ајатолах Рухолах Хомеини, кога Хаменеи беше избран во итна процедура пред повеќе од три децении.
Сега, владејачките структури се под притисок брзо да демонстрираат стабилност. Се очекува членовите на Собранието наскоро да одржат состанок на кој ќе ги разгледаат потенцијалните кандидати и ќе го именуваат наследникот.
Но, останува нејасно дали воопшто ќе можат безбедно да се состанат, со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп најави продолжување на заедничката бомбардерска кампања против иранскиот режим и во наредните денови.
Кои се уставните критериуми?
Според иранскиот устав, новиот врховен лидер мора да биде маж, исламски свештеник со политичка компетентност, морален авторитет и докажана лојалност кон Исламската Република. Толкувањето на овие одредби може да доведе до исклучување на реформски ориентирани свештеници кои се залагаат за поголеми општествени слободи и поактивен ангажман со меѓународната заедница.
Според анализи на експерти и набљудувачи, во игра се повеќе имиња.
Моџтаба Хаменеи (56)
Вториот син на Али Хаменеи, Моџтаба Хаменеи, се смета за влијателна фигура „зад сцената“. Тој има блиски врски со Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), најмоќната воена структура во земјата, како и со доброволната паравоена формација Басиж.
Сепак, наследување „татко–син“ традиционално не се гледа со одобрување во шиитскиот верски естаблишмент, особено во држава создадена по соборувањето на монархијата. Дополнителна пречка е што Моџтаба не е високорагиран свештеник и нема официјална функција во режимот. Во 2019 година беше ставен под санкции од САД.
Алиреза Арафи (67)
Алиреза Арафи е помалку експонирана, но институционално влијателна личност. Тој важи за искусен свештеник со богато искуство во државните институции и близок соработник на Хаменеи.
Во моментов е заменик-претседател на Собранието на експерти и член на моќниот Совет на чувари, кој ги одобрува кандидатите за избори и законите усвоени во парламентот. Истовремено, го раководи и системот на иранските верски училишта.
Аналитичарите оценуваат дека довербата што му ја укажувал Хаменеи преку стратешки функции зборува за неговите административни способности, но Арафи не важи за политички „тешкаш“ ниту има силни врски со безбедносниот апарат.
Мохамад Мехди Мирбагери (рана 60-та)
Мохамад Мехди Мирбагери е тврдолиниски свештеник и член на Собранието на експерти, кој го претставува најконзервативното крило во верскиот естаблишмент.
Тој раководи со Академијата за исламски науки во светиот град Ком и е познат по остриот став кон Западот. Според активистички извори, Мирбагери верува дека судирот меѓу верниците и „неверниците“ е неизбежен, што дополнително го позиционира како идеолошки тврд кандидат.
Хасан Хомеини (рана 50-та)
Внукот на основачот на Исламската Република, Хасан Хомеини, ужива значајна религиозна и револуционерна легитимност.
Тој е чувар на мавзолејот на неговиот дедо во Техеран, но досега нема извршувано јавна функција и се смета дека има ограничено влијание врз безбедносните структури и владејачката елита. Познат е како помалку тврдолиниски ориентиран од дел од своите колеги, а во 2016 година му беше забрането да се кандидира за член на Собранието на експерти.
Хашем Хосеини Бушехри (доцни 60-ти)
Хашем Хосеини Бушехри е висок свештеник тесно поврзан со институциите што управуваат со процесот на наследување, особено со Собранието на експерти, каде што ја извршува функцијата прв заменик-претседател.
Се смета дека бил близок со Хаменеи, но во јавноста има релативно низок профил и не е познат по силни врски со ИРГЦ.
Тест за стабилноста на режимот
Изборот на нов врховен лидер ќе биде клучен тест за стабилноста и кохезијата на иранскиот режим. Во услови на надворешен воен притисок и внатрешни политички тензии, исходот од овој процес може значително да ја обликува иднината на Исламската Република и нејзината улога на регионалната и глобалната сцена.