Трамп: На Иран ќе му требаат години за закрепнување – Нетанјаху тврди дека Хамнеи „веќе го нема”

5

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на Иран ќе му бидат потребни „неколку години” за да закрепне од заедничкиот американско-израелски воен напад, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека се зголемуваат знаците дека врховниот лидер Али Хамнеи „веќе го нема”. Малку подоцна, израелски функционер со сигурност изјави дека ајатолахот е мртов.

Трамп: Кампањата може да трае колку што сакам

Во телефонски разговор со новинар од израелскиот Канал 12, Трамп рече дека може да избере кампањата да трае онолку долго колку што сака или да заврши во рок од неколку дена. Тој предупреди дека повторно ќе нападне доколку Иран се обиде да ги обнови своите капацитети.

„Во секој случај, на режимот ќе му бидат потребни неколку години за да закрепне од овој напад”, рече Трамп, пренесува израелската телевизија.

Американскиот претседател го обвини Иран за повлекување од постигнување нуклеарен договор, тврдејќи дека сфатил оти Техеран не барал сериозен договор. Трамп го опиша и својот разговор со премиерот Нетанјаху како позитивен, пренесе „Тајмс оф Израел” (Times of Israel).

Нетанјаху: Елиминирани команданти и нуклеарни функционери

Израелскиот премиер Нетанјаху во видео обраќање до јавноста соопшти дека Израел утрово елиминирал команданти на Иранската револуционерна гарда, високи функционери на иранскиот режим и високи нуклеарни функционери.

„Во наредните денови ќе погодиме илјадници цели на терористичкиот режим”, најави Нетанјаху, додавајќи дека операцијата „ќе продолжи сè додека е потребно” и дека е неопходна издржливост.

Тој изјави дека Израел тргнал во војна за „фундаментално да ја промени” ситуацијата во која Иран бил на пат кон нуклеарно оружје, што би му овозможило драстично да ги зголеми заканите против соседите.

„Ќе создадеме услови иранскиот народ да се ослободи од синџирите на диктатурата”, рече Нетанјаху, оценувајќи дека операцијата „ќе доведе до мир, вистински мир”.

Израелски функционер: Хамнеи е мртов

Нетанјаху во своето обраќање рече дека се зголемуваат знаците дека врховниот лидер Али Хамнеи „веќе го нема”. Малку подоцна, израелски функционер во изјава за тамошните медиуми со сигурност потврди дека ајатолахот Хамнеи е мртов.

Снимки објавени во медиумите покажуваат разурнат и во чад обвиен комплекс на Хамнеи во Техеран.

Официјална потврда од иранската страна засега нема.

Нетанјаху му се заблагодари на Трамп

Израелскиот премиер повторно му изрази благодарност на американскиот претседател за „историското водство”.

„Тој е лидер кој го држи зборот”, рече Нетанјаху за Трамп.

Македонски