Израел и САД започнаа воени операции против Иран – експлозии низ целата земја

10

Израел соопшти дека започнал превентивен воен напад врз Иран со цел спречување на обновување на иранската нуклеарна програма, додека американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека и американската војска започнала големи борбени операции. Жителите на Техеран пријавија повеќе експлозии, а напади се регистрираат низ целата земја, пренесува „Гардијан” (The Guardian).

Нетанјаху: Отстранување на „егзистенцијална закана”

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападите имале за цел отстранување на егзистенцијалната закана од иранскиот режим и му се заблагодари на американскиот претседател.

„Израел и Соединетите Американски Држави започнаа операција за отстранување на егзистенцијалната закана што ја претставува терористичкиот режим во Иран. Му благодарам на нашиот голем пријател, претседателот Доналд Трамп, за неговото историско водство”, изјави Нетанјаху.

Техеран под удар – на мета политичкото раководство

Жителите на иранската престолнина пријавија повеќе експлозии до 10:30 часот, концентрирани во областа Пастер, каде се наоѓаат претседателската канцеларија и канцелариите на Советот за национална безбедност. Ранетите беа транспортирани со амбулантни возила.

Нападнати беа и:

  • Канцелариите на врховниот лидер
  • Собранието на експерти – телото надлежно за избор на иранскиот врховен лидер
  • Штабот на Исламската револуционерна гарда, каде се пријавени значителен број жртви и повредени

Целта, според првичните проценки, била нанесување штета на политичкото раководство на Иран. Ирански извори соопштија дека врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи не се наоѓа во Техеран, туку на безбедна, непозната локација. Не е потврдено убиство на ниту еден висок функционер, и покрај гласините дека претседателот Масуд Пезешкјан бил цел на нападот.

Експлозии низ целиот Иран

Освен во Техеран, експлозии се пријавуваат и во повеќе ирански градови, вклучувајќи ги Ком, Тебриз, Керманшах, Лорестан, Хорамабад и Карај, што укажува на широкомащтабна операција.

Паралелно се водат и кибернапади – иранските жители пријавуваат значително забавување на интернетот, што го отежнува известувањето за случувањата на теренот.

Израел ги затвори училиштата и работните места

Властите во Ерусалим наредија училиштата и работните места да останат затворени до понеделник. Граѓаните се повикани да избегнуваат излегување од домовите, освен доколку се работници од суштинска важност.

Иран вети „катастрофален одговор”

Ирански официјални лица ветија катастрофален одговор, оценувајќи дека станува збор за почеток на целосна воена размена, а не за ограничена акција со цел промена на преговарачката позиција на Техеран.

Ебрахим Азизи, претседател на парламентарната комисија за национална безбедност, напиша на платформата X: „Ве предупредивме, но сега тргнавте по пат што е надвор од ваша контрола.”

Македонски