Претседателот на Албанија Бајрам Бегај во дводневна официјална посета на Македонија
Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, денеска започна дводневна официјална посета на Северна Македонија. Во рамки на посетата, Бегај денеска се сретна со градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, а утре ќе биде пречекан од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ќе има средби со претставници на државниот врв.
Свечен прием во Општина Чаир
Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, со свечен прием во Општината го пречека албанскиот претседател Бегај. Од Општина Чаир соопштија дека средбата е во духот на унапредување на институционалната соработка и консолидирање на одличните билатерални односи меѓу двете земји.
По средбата, претседателот Бегај заедно со придружната делегација ја посети џамијата Мустафа Паша и Старата чаршија, каде положи цвеќе на споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриот – Скендербег. Настанот беше проследен со изведба на националната химна и културно-уметничка програма од Државниот ансамбл.
Утре средба со претседателката Сиљановска-Давкова
Вториот ден од посетата, претседателот Бегај ќе биде официјално пречекан од претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по што се очекуваат средби со претставници на државниот врв на кои ќе се разговара за билатералните односи и прашања од заеднички интерес.