Обвинителите на нозе: Платите ни се најниски во регионот, повлечете го предлогот за нивно намалување
Здружението на јавни обвинители денеска преку итна реакција побара од Собранието да го повлече од дневен ред предлог-законот за измена на Законот за платите на јавните обвинители, со кој се предвидува намалување на нивните примања. Обвинителите предупредуваат дека со плати од 90.000 до 130.000 денари се најниско платени во регионот, а дополнителното кратење го сметаат за противуставен економски притисок врз нивната независност.
„Платата е единствен приход”
Во реакцијата се нагласува дека функцијата јавен обвинител е неспојлива со вршење каква било друга дејност, што значи дека платата е нивниот единствен извор на приход.
„Со вакви износи, платите на македонските јавни обвинители се апсолутно најниски во регионот, а со останатите европски земји не можат ниту да се споредуваат”, стои во соопштението.
Законска заштита од намалување
Здружението потсетува дека според член 2 од Законот за платите на јавните обвинители, платата не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност.
„Јавните обвинители се свесни за сложената економска ситуација и за потребата од мерки за штедење, но мора да нагласиме дека вршиме сложена и одговорна работа, носејќи го товарот на кривичниот прогон без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не ни се исплаќаат”, реагираат обвинителите.
Уставниот суд веќе постапува
Здружението посочува дека Уставниот суд веќе има поведено постапка (У бр.71/25 од 24.12.2025) за оценка на уставноста на претходните законски измени со кои се намалија коефициентите и се ограничи растот на платите.
„Иако конечната одлука на Уставниот суд сè уште не е донесена, имаме обврска да укажеме на штетните правни последици доколку со ново законско решение дополнително се продлабочат оспорените недоследности. Оценката на уставноста на претходните измени е проверка и на измените кои сега се предлагаат, бидејќи повторно, при иста методологија, се намалуваат коефициентите”, се додава во реакцијата.
Обвинителите сметаат дека предложеното решение е противуставно и незаконито, оценувајќи го како директен економски притисок врз независноста на јавното обвинителство.