Неизвесен составот на лидерската средба кај Мицкоски: Поддршка од ВЛЕН и ЗНАМ, СДСМ ја одби поканата

5

Во пресрет на утрешната лидерска средба иницирана од премиерот Христијан Мицкоски, сè уште останува неизвесно кои политички лидери ќе седнат на маса за разговори за реформските закони и предлогот за укинување на техничката, т.н. Пржинска влада.

Владиниот партнер ВЛЕН потврди учество на средбата, при што партијата ќе ја претставуваат градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, и координаторот на пратеничката група, Беким Ќоку. Од ВЛЕН најавија дека ќе го поддржат предлогот за укинување на техничката влада, оценувајќи дека таа ја изгубила својата смисла.

„Пржинската влада беше формирана во услови на длабока политичка криза. Денес државата не се наоѓа во таков модус, што го докажавме и со успешно организираните локални избори“, изјави Ќоку.

Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, уште на самиот почеток ја одби поканата за учество, со образложение дека неговата партија се противи на укинување на техничката влада, која, според нив, претставува клучна гаранција за фер и демократски избори. Од СДСМ денеска повторно го потврдија овој став, додавајќи дека реформските закони ќе ги поддржат преку собраниска процедура, но не и преку лидерски договори.

Од опозициската партија остро ја критикуваа актуелната власт, обвинувајќи ја за злоупотреба на институциите и државните ресурси, партизација на Министерството за внатрешни работи и воведување масовен надзор. Според СДСМ, присуството на технички министер од опозицијата е неопходна заштита од евентуални злоупотреби за време на изборните кампањи.

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) соопштија дека дополнително ќе одлучат дали ќе учествуваат на средбата, но најавија можност да излезат со свои конкретни барања. Генералниот секретар на партијата, Арбр Адеми, оцени дека лидерска средба е потребна, но само доколку има јасна рамка, суштински дијалог и прецизно дефинирана агенда.

Тој најави дека, доколку ДУИ учествува, фокусот ќе го стави на евроинтеграциите и други клучни прашања од национален интерес. „Лидерските средби не треба да служат за фотографии, туку за сериозна дебата со конкретни цели и резултати“, порача Адеми.

Учество на средбата најавија и од владиниот партнер ЗНАМ. Од партијата Левица, пак, соопштија дека би прифатиле укинување на техничката влада, но само под услов да се воведе една изборна единица и да се обезбеди рамноправен пристап до медиумите за сите политички субјекти во предизборниот период.

Македонски