Општина Центар со 15 милиони денари за програми за активна и квалитетна старост во 2026 година

2

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средба со претставници на Здружението на пензионери информираше за планираните проекти и програмски активности насочени кон унапредување на квалитетот на живот на повозрасните граѓани во текот на 2026 година.

Тој истакна дека во буџетот за тековната година се издвоени 15 милиони денари за реализација на мерки и проекти наменети за жителите од третата возраст. „Нашата цел е да обезбедиме поздрав и поквалитетен живот, повеќе можности за социјализација и континуирана грижа за пензионерите“, нагласи Герасимовски.

Програмата опфаќа повеќе активности, меѓу кои Сервис за стари лица, воведување на Итно копче со 24-часовна медицинска поддршка, бесплатен превоз до здравствени установи, сезонски екскурзии во текот на целата година, културниот настан „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време“, Пензионерски спортски игри 2026, како и вклучување на пензионерите во образовниот процес преку предметот домаќинство. Дополнително, предвидена е и поддршка за пензионерите кои се наоѓаат во социјален ризик.

На средбата, претставниците на пензионерското здружение од Центар го поздравија ангажманот на локалната самоуправа и ја потврдија својата активна улога во дел од планираните активности за наредната година.

Според официјалните податоци, околу 20 проценти од жителите на Општина Центар се на возраст над 60 години, што, како што беше посочено, ја потврдува оправданоста и потребата од вакви мерки насочени кон промовирање на витална, активна и достоинствена старост.

Македонски