УЈП со потсетување: Обврска за ДДВ регистрација за сите со промет над 2 милиони денари до крајот на 2025 година

9

Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира и потсетува правните и физичките лица дека доколку до крајот на декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од оданочив промет на добра и услуги, имаат законска обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).

Обврската важи и за физички лица кои изнајмуваат деловен простор, вршат менаџерски, правни, економски, инженерски или занаетчиски услуги, држат приватни часови, продаваат земјоделски производи или остваруваат друг вид оданочив промет, доколку во текот на 2025 година го надминале прагот од два милиони денари.

Како вкупен промет за цели на ДДВ се смета износот остварен од продажба на добра и услуги во текот на календарската година. Од оваа пресметка се исклучуваат прометите кои се ослободени од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како што се изнајмување на станбен простор за живеење, здравствени и осигурителни услуги, настава по странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и слично. Исто така, не се вклучува ниту прометот остварен со странски даночни обврзници за услуги кои не подлежат на ДДВ во земјава, како консултантски, адвокатски или ИТ услуги.

За даночните обврзници кои ја вршеле дејноста само дел од годината, вкупниот годишен промет се пресметува со проекција на остварениот месечен просек на 12 месеци. Доколку и по оваа пресметка се надмине законскиот праг, постои обврска за регистрација за ДДВ.

Пријавата за регистрација може да ја поднесат и лица кои доброволно сакаат да станат ДДВ обврзници. Рокот за доставување на пријавите е најдоцна до 15 јануари 2026 година, по електронски пат преку системот eTax, лично во организациските единици на УЈП или по пошта. Физичките лица кои ќе станат ДДВ обврзници се должни да обезбедат дигитален сертификат за електронско потпишување и поднесување на даночните пријави.

Истовремено, УЈП информира дека ДДВ обврзниците кои во претходната календарска година не оствариле промет над 2.000.000 денари и кај кои поминале најмалку три години од регистрацијата, имаат можност да поднесат барање за отповикување на ДДВ регистрацијата. Истото важи и за оние кои во двете претходни години имале промет под законскиот праг и не искажале претходен данок за одбивка.

Пријавите за отповикување на регистрацијата (образец ДДВ-01Б) исто така се поднесуваат најдоцна до 15 јануари 2026 година, по електронски пат, лично или по пошта.

Од УЈП потсетуваат и дека Управата може службено да ја прекине ДДВ регистрацијата доколку утврди, меѓу другото, дека обврзникот не прикажувал промет, не поднесувал даночни пријави, не е достапен на пријавената адреса или е утврдено даночно затајување.

За дополнителни информации, граѓаните и компаниите можат да се обратат во Контакт центарот на УЈП преку е-пошта info@ujp.gov.mk или на телефонските броеви 0800 33 000 и 02 3253 200.

Македонски