Православните верници вечерва ја пречекуваат Старата нова година – утре Василица
Православните христијани кои го следат Јулијанскиот календар вечерва ја дочекуваат Старата нова година, која официјално започнува утре, на празникот Василица (1/14 јануари).
Во Македонија, Василица традиционално се празнува како домашна слава во голем број семејства, додека оние што го носат името на Свети Василиј Велики – Васил, Васко, Васе, Васка и други – го одбележуваат својот именден. Дел од празничните обичаи е и кршењето на погача со паричка, за која народното верување вели дека носи среќа и бериќет на оној што ќе ја пронајде.
По повод празникот Обрезание Господово и споменот на Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе се служи света Василиева литургија.
Свети Василиј Велики е вброен меѓу тројцата најзначајни црковни учители од четвртиот век. Роден во Кападокија, образованието го стекнал во Атина, а во историјата на христијанството останал запаметен како истакнат богослов, филозоф и епископ, како и борец за зачувување на православното учење. Починал на 14 јануари 379 година.
Покрај Македонската православна црква, празниците според Јулијанскиот календар ги одбележуваат и Руската и Српската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора. Наспроти нив, по Грегоријанскиот календар се раководат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.
Инаку, црковната нова година традиционално започнува на 1/14 септември, согласно православниот црковен календар.