Инцидент пред бугарската амбасада во Скопје: Софија реагира остро и бара одговорност

31

Непознато лице во неделата, на 11 јануари, фрлило засега неидентификуван предмет кон зградата на Амбасадата на Република Бугарија во центарот на Скопје, при што е оштетена влезната врата. За инцидентот сведочат фотографиите што ги објави бугарското Министерство за надворешни работи, кое упати остра реакција, оценувајќи го настанот како напад врз самата држава Бугарија.

Во официјалното соопштение од Софија се наведува дека овој чин претставува директен напад врз бугарската дипломатска мисија во земјава, која, како што се истакнува, е симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија.

„Станува збор за неприфатлив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо прекршување на Виенската конвенција за дипломатски односи“, наведува бугарското МНР.

Дополнително, од Софија изразуваат сериозна загриженост дека инцидентот е последица на, како што велат, континуираниот недостиг од соодветна реакција на македонските институции во однос на претходните напади и вандалски акти насочени кон објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница.

Според бугарската дипломатија, ваквата институционална пасивност, заедно со, како што тврдат, толериран или поттикнуван говор на омраза против Бугарија и Бугарите, создала атмосфера во која ваквите инциденти се охрабруваат и ескалираат.

Бугарското Министерство за надворешни работи очекува надлежните органи во Северна Македонија да го идентификуваат сторителот и да го изведат пред правдата, како и да ја гарантираат безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и имот.

„Република Бугарија очекува институциите во Република Северна Македонија јасно и недвосмислено да се дистанцираат од говорот на омраза, ефикасно да се спротивстават на ваквите кривични дела, активно да работат на создавање поинаков јавен наратив за односите со Бугарија и безусловно да ги почитуваат меѓународните обврски“, се вели во реакцијата.

Од Софија најавуваат дека внимателно ќе го следат развојот на случајот и не ја исклучуваат можноста за преземање дополнителни мерки за заштита на бугарските интереси.

До моментот на објавување на оваа информација, од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија нема официјална реакција, ниту пак е објавено соопштение од Министерството за внатрешни работи за околностите под кои се случил инцидентот.

Македонски