Спасувачка акција за вработени на А1 близу Лазарополе, останале цела ноќ заглавени во снег
Специјализирани полициски и спасувачки екипи утрово успешно ги извлекоа вработените на телекомуникацискиот оператор А1, кои цела ноќ биле заглавени во снег на непристапен терен во реонот на селото Лазарополе, без можност за комуникација поради прекин на мобилната мрежа.
Инцидентот бил пријавен доцна синоќа, на 10 јануари, околу 23:30 часот во СВР Тетово. Во пријавата било наведено дека лицата се наоѓаат во близина на базна станица на операторот, но контакт со нив не можел да се воспостави бидејќи на локацијата немало мобилен сигнал.
Веднаш по добиената дојава биле активирани сите надлежни служби, по што започнала координирана акција за пребарување и спасување. Спасувачките екипи се упатиле кон теренот со две специјализирани теренски возила, опремени со санки за снег и дополнителна опрема за движење во екстремни зимски услови.
По неколкучасовна интензивна потрага, околу 08:30 часот утрово, екипите успеале да стигнат до заглавените лица. Тие биле пронајдени на локацијата позната како „Коритник“, во непосредна близина на предавателот, каде што нивното теренско возило „Фолксваген Амарок“ останало блокирано во длабок снег.
Според првичните информации, лицата се во добра здравствена состојба и без посериозни повреди, а акцијата е завршена успешно благодарение на навремената реакција и координација на службите.
Прашањето кое се поставува е, дали теренските оперативци на А1 воопшто имаат некаков допир со радиоуреди наменети за комуникација особено во вакви ситуации?