ВМРО-НП: Прашањето за македонскиот јазик е затворено со договорот Костов–Георгиевски
ВМРО-Народна партија соопшти дека внимателно ја следи актуелната дискусија меѓу македонската и бугарската влада во врска со македонскиот јазик, при што потсетува дека ова прашање е веќе целосно затворено со билатералниот договор постигнат меѓу поранешните премиери Иван Костов и Љубчо Георгиевски.
Според партијата, договорот е заснован на принципот на реципроцитет и јасно ја утврдува формулата: „македонски јазик според Уставот на Република Македонија и бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија“.
Од ВМРО-НП ја потсетуваат јавноста дека процесот на договарање од македонска страна го водела и го потпишала тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, а главен преговарач бил тогашниот заменик-министер за надворешни работи Борис Трајковски. Во активностите учествувал и Антонио Милошоски, како дел од кабинетот на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски.
Партијата оценува дека и денешната, како и секоја идна бугарска влада, има обврска да го почитува она што е договорено и потпишано од нивните претходници, нагласувајќи дека нема потреба повторно да се отвораат прашања кои биле затворени пред повеќе од две децении.