ЈСП Скопје најавува можни измени во автобуските линии поради студот и снегот, жичницата на Водно времено запрена

9

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги извести граѓаните дека поради ниските минусни температури и најавените неповолни временски услови, со можни снежни врнежи во Скопје и околината, во наредниот период може да дојде до привремени измени во сообраќањето на дел од автобуски линии.

Од ЈСП појаснуваат дека при екстремно ниски температури ефектот на средствата за зимско одржување на коловозите е ограничен, поради што на одредени делници може да се појават отежнати услови за движење. Поради безбедносни причини, дел од линиите ќе сообраќаат скратено, односно до локации кои во моментот се проценети како проодни и безбедни за сообраќај на автобусите, согласно проценките на надлежните служби.

Воедно, ЈСП Скопје информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер. Како што наведуваат од претпријатието, јачината на ветерот ги надминува дозволените безбедносни параметри за непречено и сигурно функционирање на жичницата.

„Надлежните служби континуирано ја следат состојбата на терен и штом се создадат соодветни временски услови, жичницата повторно ќе биде ставена во функција“, соопштуваат од ЈСП Скопје.

Од претпријатието апелираат до граѓаните редовно да ги следат официјалните информации и навремено да се информираат за евентуалните промени во јавниот превоз.

Македонски