Се подготвува целосна забрана за пушење во затворени јавни простори: Цигарите ќе исчезнат од маркетите
Македонија подготвува темелни и ригорозни измени на Законот за заштита од пушење, со кои се најавува целосна забрана за пушење во сите затворени простори од јавен карактер, како и сериозно ограничување на увозот, продажбата и промоцијата на тутунски и никотински производи.
Новиот законски текст, кој наскоро треба да биде ставен на јавна расправа преку платформата ЕНЕР, предвидува значително построги правила од досегашните. Според верзијата до која дојде телевизијата Телма, забраната за пушење ќе важи за сите угостителски објекти за исхрана – ресторани, кафулиња, барови, меани, кантини – без исклучок.
Пушењето ќе биде забрането и на терасите на угостителските објекти, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни. Дополнително, законот предвидува забрана за пушење во автомобили во присуство на деца, на автобуски и железнички станици, пазари, како и во низа други јавни институции и простори.
Новите ограничувања ќе важат и за електронските цигари и вејп уредите. Со предложените измени се забранува производство, увоз, дистрибуција и продажба на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови, со што се укинуваат и таканаречените ароматизирани цигари.
Исто така, се воведува целосна забрана за рекламирање на цигари и електронски уреди, а тие нема да смеат ниту да бидат видливо изложени на рафтовите во продавниците.
Од Министерството за здравство, кое е предлагач на законските измени, велат дека мерките се неопходни поради сериозната загрозеност на јавното здравје.
„Со предложениот закон се воведуваат појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со посебен акцент на превенцијата и заштитата на децата и младите. Целта е намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување создавање нови генерации зависници“, наведуваат од министерството.
Според неодамнешните податоци на Фондот за здравствено осигурување, над 45 проценти од возрасната популација во земјата се пушачи – значително над европскиот просек. Половина од нив дневно консумираат повеќе од 20 цигари, а статистиката покажува дека околу 4.000 лица годишно умираат од болести поврзани со пушењето.