Студено утро со снег: Најниска температура и највисока снежна покривка на Попова Шапка
Попова Шапка утрово е најстуденото место во земјава, каде се измерени –8 степени Целзиусови, а воедно е регистрирана и најголема снежна покривка од 31 сантиметар.
Ниски температури се забележани и во Крушево и Маврови Анови со –5 степени, во Куманово –2, додека во Крива Паланка, Берово и Виница се измерени –1 степен. Температурата во Скопје, Тетово, Охрид и Битола изнесуваше 0 степени, а најтопло утрово беше во Гевгелија и Демир Капија со 2 степени Целзиусови.
Во изминатите 24 часа, заклучно со 7 часот утрово, најмногу врнежи се регистрирани во Маврови Анови – 39 литри на метар квадратен. Следуваат Пожаране со 26, Охрид со 25 и Крушево со 24 литри на метар квадратен.
Снежната покривка во Крушево изнесува 14 сантиметри, додека во Охрид е измерена висина од 5 сантиметри.
Според прогнозата, времето денеска ќе биде променливо облачно и студено. Претпладне се очекуваат повремени локални врнежи од снег, кои во попладневните часови ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието и засилен ветер од северен правец. Дневните температури ќе се движат од –1 до 5 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и студено, со максимална дневна температура до 3 степени Целзиусови.