Кривични пријави за четворица осомничени по смртоносната сообраќајна несреќа во центарот на Скопје

11

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против четири лица поврзани со тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 11:30 часот на улицата „Народен фронт“ во централното градско подрачје, во која животот го загуби 79-годишна пешачка.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, патничко возило „Фолксваген пасат“ со скопски регистарски таблички, управувано од С.С. (18) од Скопје, удрило во пешакот Љ.Ј. (79). Повредената жена била пренесена во Ургентниот центар, каде што им подлегнала на повредите. По несреќата, возачот го напуштил местото на настанот без да ѝ укаже помош.

По пријавата, полициските службеници веднаш започнале интензивна истрага. Со помош на системот „Безбеден град“, видеонадзор од околните објекти и изјави од очевидци, било утврдено дека возилото е сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а дека со него управувал неговиот син, 18-годишниот С.С.

Автомобилот бил пронајден пред домот на сопственикот, каде што бил затекнат С.С. (69), кој бил приведен и со него бил извршен службен разговор. Дополнително било констатирано дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј. (53), истиот ден ја напуштиле државата.

Лицата Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава за кривично дело „помагање на сторител по извршено кривично дело“. Против 18-годишниот возач е поднесена пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, како и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.

По возачот и неговиот татко е распишана потерница. Во рамки на истрагата се пронајдени и одземени двете возила – „Фолксваген пасат“, со кое е извршен ударот, и „Мерцедес“, со кој осомничените ја напуштиле државата. За случајот е известен надлежен јавен обвинител, а истрагата продолжува.

Македонски