Предупредување за заматена вода во Крушево и сообраќајни проблеми на повеќе патни правци
Граѓаните на Крушево се повикуваат на зголемена внимателност при користењето на водата за пиење, откако поради поројните дождови таа е заматена. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) препорачуваат водата задолжително да се преврива најмалку 10 минути пред употреба.
Невремето предизвика и сериозни проблеми во патната инфраструктура во повеќе делови од државата. Во општина Демир Хисар, локалниот пат кој води кон селото Мренога е целосно затворен за сообраќај, откако е оштетен мостот на Боишка Река.
Во тетовскиот регион, и покрај преземените активности за расчистување, патниот правец кон месноста Бањиче и натаму е затворен. Од СВР Тетово информираат дека забраната е воведена од безбедносни причини.
На истокот на земјата, возачите се предупредуваат на можни одрони на неколку патни правци. Екипите на „Македонијапат“ се на терен и континуирано работат на нивно отстранување.
Во меѓувреме, сообраќајот на патниот правец Кочани – Грдовци е повторно воспоставен и се одвива непречено, по успешната интервенција на Оризарска Река.