АХВ: Пансионот „Ав, ав хепи догс“ времено затворен 21 ден, сопствениците повикани да ги преземат и тестираат кучињата
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по спроведен вонреден инспекциски надзор во пансионот за кучиња „Ав, ав хепи догс“, донела решение со кое им препорачува на сопствениците итно да ги преземат своите миленици и да извршат нивно тестирање за евентуално присуство на заразна болест. Истовремено, наложено е механичко чистење и целосна дезинфекција на објектот, кој ќе биде времено затворен во период од 21 ден – колку што изнесува инкубацискиот период за сомнителната болест.
Од АХВ појаснуваат дека согласно законските надлежности, Агенцијата ниту е овластена ниту има обврска да утврдува присуство на парвовироза, болест за која постојат сомнежи дека била причина за угинување на куче кое претходно престојувало во пансионот.
Од институцијата информираат дека досега не е евидентирана ниту една официјална пријава од сопственик на куче за појава на болест по преземањето на миленикот од пансионот, иако во јавноста се појавија повеќе лични сведоштва.
Инспекцискиот надзор, како што нагласуваат од АХВ, бил спроведен исклучиво од аспект на заштита на здравјето на животните и спречување на евентуално ширење заразни болести, а не со цел утврдување на одговорност за конкретниот смртен случај.
„Со важечките закони за здравствена заштита и благосостојба на животните не е правно регулирана работата на пансиони и хотели за домашни миленици. АХВ не ги регистрира, не ги одобрува и не издава дозволи за нивно работење“, соопштуваат од Агенцијата, одговарајќи на прашањето дали е утврдена причината за угинувањето на кучето.
Од самиот пансион уште на 31 декември информираа дека инспекцискиот надзор, според нив, не бил поврзан со испитување на присуство на заразна болест, туку се однесувал на административна контрола.
Случајот доби поширока јавна димензија по сведоштвото на Ана Пејковска, која објави дека нејзиното куче Мајло починало по престој во пансионот, тврдејќи дека било заразено со парвовироза и вратено во тешка здравствена состојба. По нејзините објави следеа и други сведоштва од сопственици на кучиња, како и од поранешна практикантка, кои изнесоа сериозни обвинувања за условите и односот кон животните. Пансионот, пак, ги отфрли обвинувањата, негираше присуство на парвовирус и најави правни постапки поради, како што наведоа, ширење лажни информации.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат до сопствениците на кучиња да постапуваат одговорно, редовно да ги вакцинираат своите миленици, да ги тестираат доколку постои сомнеж за заразна болест и да се информираат исклучиво преку официјалните канали. Од таму најавуваат дека јавноста ќе биде навремено известена по завршување на целокупната постапка.