Денеска гласаат болните, изнемоштените и затворениците, утре повторени избори за градоначалник во четири општини

8

Пред утрешното гласање на повторените локални избори за градоначалник во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денеска ќе гласаат болните и изнемоштените лица во нивните домови, како и притворените и затворениците кои се жители на овие општини. Од Државната изборна комисија (ДИК) за МИА информираат дека сите подготовки за изборниот процес се завршени.

Во општина Гостивар за домашно гласање се пријавени 146 болни и изнемоштени лица, додека во казнено-поправните установи ќе гласаат 81 лице. Во Маврово Ростуше одобрени се барањата на 69 болни граѓани, а право на глас ќе остварат и двајца затвореници. Во Врапчиште се пријавени 32 болни лица, а 11 жители ќе гласаат во затвор. Во Центар Жупа за ваков вид гласање се пријавени само двајца граѓани.

Право на глас во Гостивар имаат вкупно 82.870 граѓани, од кои 78.185 се жители на општината, а 4.604 се запишани во посебниот Избирачки список за гласачи во странство. Во Маврово Ростуше регистрирани се 10.575 гласачи, од кои 9.622 во општината и 951 во странство. Во Врапчиште во Избирачкиот список се запишани 27.279 граѓани, а во Центар Жупа 7.562 гласачи, од кои 1.257 се во посебниот список за дијаспората.

Гласањето утре ќе се одвива од 7:00 до 19:00 часот. Граѓаните ќе се идентификуваат со важечка лична карта или пасош, а нивниот идентитет дополнително ќе се проверува со уреди за биометриска идентификација.

Согласно Изборниот законик, за повторените избори не е потребна минимална излезност од една третина од запишаните гласачи. За избор на градоначалник е доволно еден од кандидатите да добие повеќе од половина од гласовите на излезените избирачи, вклучително и во Центар Жупа каде што има само еден кандидат.

Во Гостивар за градоначалничката функција се кандидати Невзат Бејта од коалицијата „Вреди“ и независниот кандидат Ваљбон Лимани, поддржан од НАИ. Во Врапчиште трката ја водат Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири, поддржан од група избирачи. Во Центар Жупа единствен кандидат е Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците. Во Маврово и Ростуше кандидати се Онер Јакупоски, поддржан од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Анес Ахмети од СДСМ.

Повторените избори се организираат бидејќи на локалните избори во 2025 година во овие општини не беше постигната законски потребната излезност. Според податоците на ДИК, во првиот круг одржан на 19 октомври лани, излезноста изнесуваше 33,31 процент во Гостивар, 25,18 проценти во Врапчиште, 30,31 процент во Маврово Ростуше и 21,49 проценти во Центар Жупа.

Овие избори воедно се последни што ги спроведува актуелниот состав на Државната изборна комисија, чиј мандат истекува на 15 јануари, односно до изборот на нов состав.

Македонски