Охрабрувачки сигнал од Преспа: Водостојот на Преспанското Езеро зголемен за 48 сантиметри за два месеца
По подолг период на загрижувачки пад, Преспанското Езеро бележи значително подобрување на водостојот. Според официјалните дневни податоци на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на езерото е зголемено за 48 сантиметри во рок од само два месеца.
Порастот се поврзува со обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во периодот од 21 ноември 2025 до 7 јануари 2026 година. Иако дождовите предизвикаа поплави во одредени населени места, дворови и земјоделски површини, тие истовремено имаа позитивен ефект врз хидролошката состојба на Преспанското Езеро.
Според мерењата на мерната станица во Наколец, на 8 јануари 2026 година водостојот изнесувал 841,36 метри надморска височина. За споредба, на 7 ноември 2025 година нивото било 840,88 метри. Во првиот месец од наведениот период е регистриран пораст од 27 сантиметри, а во следните недели дополнителни 21 сантиметар.
Преспанското Езеро со децении се соочува со сериозно намалување на водостојот, процес што започнал по достигнувањето на историскиот максимум во 1963 година, кога нивото било 851,83 метри надморска височина. Оттогаш, под влијание на климатските промени, интензивното користење на водните ресурси и природните процеси на понирање, езерото бележеше континуирано повлекување на водата.
Иако најновиот пораст сè уште е далеку од посакуваните нивоа, тој носи умерен оптимизам дека обновата на Преспанското Езеро е возможна. Езерото е заштитен природен споменик од исклучително значење за биолошката разновидност и претставува едно од најстарите сочувани тектонски езера во светот, со старост поголема од пет милиони години.