Времето денеска во претпладневните часови ќе биде променливо облачно, со појава на мешани врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне исклучиво снег. Метеоролозите најавуваат значителна промена во текот на втората половина од денот.
Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег, при што се очекува формирање и постепено зголемување на снежната покривка. Најинтензивни врнежи се прогнозираат во западните делови од земјата, каде на планините снежната покривка ќе се зголеми за нови околу 20 сантиметри. Во останатите региони се очекуваат меѓу 5 и 10 сантиметри нов снег.
Температурите денеска ќе се движат од минимални -3 до максимални 8 степени Целзиусови.
И во Скопје се очекува слична временска состојба – мешаните врнежи од дожд и снег во текот на претпладнето до крајот на денот ќе преминат во снег, со максимална дневна температура до 4 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека вистинските зимски услови ќе започнат од почетокот на следната недела, кога се очекуваат засилен северен ветер и значителен пад на утринските температури, кои ќе се спуштат и под -10 степени, додека дневните ќе останат под нулата.