Комунална хигиена: Во декември собрани 13.000 тони отпад и исчистени диви депонии низ цело Скопје

3

Во текот на декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена – Скопје собра и транспортираше околу 13.000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домаќинства и од контејнерите поставени на јавните површини на територијата на градот Скопје, соопштија од јавното претпријатие.

Покрај редовното собирање на отпадот, екипите на претпријатието во истиот период интервенирале и на диви депонии, при што биле отстранети околу 2.200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад. Чистењето било реализирано во сите скопски општини.

Од ЈП Комунална хигиена информираат дека во последниот месец од минатата година активна била и Еко-патролата, која спровела бројни едукативни разговори со стопански субјекти и со лица затекнати при неправилно одлагање отпад. Во таа насока биле изготвени вкупно 225 записници.

Најголем број од записниците, вкупно 85, биле издадени на територијата на општина Карпош.

Од претпријатието апелираат до граѓаните и правните субјекти да продолжат со одговорно однесување и правилно одлагање на отпадот, со цел одржување на почиста и поздрава животна средина во главниот град.

Македонски