Иран во информативен мрак: Национален прекин на интернетот додека антивладините протести се шират низ земјата
Иран се соочи со национален прекин на интернетот и телекомуникациите во екот на масовни антивладини протести кои веќе втора недела се шират низ целата земја. Демонстрантите извикуваат слогани против теократскиот режим, а незадоволството расте поради длабоката економска криза и засилените безбедносни мерки, објави Си-Ен-Ен.
Иранските власти го прекинаа пристапот до интернет и телефонските линии веднаш по избувнувањето на протестите во четвртокот во Техеран и други поголеми градови. И покрај рестрикциите, во првите денови на социјалните мрежи сепак се појавија видеа од протестите, кои покажуваат судири, пожари и масовни маршеви.
Според Алп Токер, директор на организацијата NetBlocks, националните прекини на интернетот се „добро позната стратегија на режимот во моменти кога се подготвува употреба на смртоносна сила“. Целта, како што вели, е да се спречи ширењето информации од терен и да се ограничи меѓународниот надзор.
Протестите, кои започнаа пред 12 дена, се регистрирани во повеќе од 100 градови – од западната покраина Илам, со курдско мнозинство, до Техеран и Машхад на североистокот на земјата. Наместо суштински одговори на економските и социјалните барања, властите повторно посегнаа по безбедносни мерки и репресија.
Невладината организација Iran Human Rights со седиште во Норвешка соопшти дека досега се убиени најмалку 45 демонстранти, меѓу кои и осум деца. Според истите податоци, стотици лица се повредени, а над 2.000 се приведени. Државните медиуми, пак, признаваат дека има загинати и повредени, но протестите ги опишуваат како „расфрлани“ и ограничени.
Дел од демонстрантите одговорија и на повикот на протераниот престолонаследник Реза Пахлави, кој преку социјалните мрежи ги повика Иранците да излезат на улиците. На снимки што ги анализираше Си-Ен-Ен се слушаат слогани како „Ова е последната битка, Пахлави ќе се врати“.
Во меѓувреме, иранската државна телевизија IRIB објави снимки од запалени возила, уништен автобус и оштетен влез во метро-станица во Техеран, како последица од ноќните немири. Спасувачките и безбедносните служби се распоредени во повеќе градови.
Немирите предизвикаа реакција и од Вашингтон. Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предупреди дека САД ќе реагираат доколку иранските безбедносни сили продолжат со убиства на демонстранти, заканувајќи се со „многу силен удар“.
Протестите започнаа како економски – поради инфлацијата, падот на валутата и наглото поскапување на основните производи – но брзо прераснаа во отворен политички бунт. Одлуката на централната банка да укине повластен пристап до поевтини долари за увозниците дополнително ја влоши ситуацијата, што доведе до драстичен раст на цените и затворање на продавниците на Големата чаршија во Техеран.
И покрај обидите на владата да ја смири јавноста со симболични парични трансфери, експертите оценуваат дека движењето, иако некоординирано и без јасно лидерство, добива на интензитет токму поради спојот на економското очајување и длабокото политичко незадоволство.
„Ова повеќе не е само прашање на цени и плати. Луѓето јасно порачаа дека го сакаат крајот на Исламската Република“, изјави иранската новинарка и активистка Масих Алинеџад за Си-Ен-Ен.
Жаришта на протестите се провинциите Илам и Лорестан, како и градови како Машхад, Табриз и Мазандаран, каде демонстрантите отворено го предизвикуваат врховниот лидер Али Хамнеи со слогани и симболични акции. Според извештаи на организации за човекови права, безбедносните сили користеле и боева муниција, а приведувањата се масовни.
Иранските власти, од своја страна, соопштија дека во немирите биле повредени стотици припадници на полицијата и паравоените сили, а најмалку петмина припадници на безбедносните структури го загубиле животот.
Додека интернетот е во прекин, а улиците сè уште зовриени, неизвесно е како ќе се развива ситуацијата и дали властите ќе понудат политички излез од кризата што сè повеќе го потресува Иран.