Четворица загинати и десетици повредени во руски ракетен напад врз Киев

14

Националната полиција на Украина соопшти дека во синоќешниот руски ракетен напад врз Киев загинале четири лица, а најмалку 24 се повредени, меѓу кои медицински работници и припадници на Државната служба за вонредни ситуации (ССС), јавува агенцијата Укринформ.

Според официјалните податоци, до 7 часот изутрина регистрирана е значителна материјална штета во повеќе делови на главниот град – Дарницки, Дњепровски, Десњански, Шевченковски, Печерски и Холосиевски реон. Оштетени се станбени згради, индивидуални куќи, детска градинка, гаражни комплекси, возила, како и делови од градската инфраструктура.

„Потврдено е дека четири лица го загубиле животот, меѓу кои и еден здравствен работник. Меѓу 24-те повредени има припадници на Службата за вонредни ситуации и тројца медицински лица кои се нашле на терен во Дарницкиот реон за време на повторниот напад“, наведуваат од полицијата.

Надлежните служби, во координација со ССС и другите итни екипи, и натаму работат на терен, при што се врши увид и документација на последиците од, како што се наведува, најновиот непријателски напад врз цивилната инфраструктура.

Претходно, од Државната служба за вонредни ситуации информираа дека во ноќниот напад биле убиени четири лица, а повредени 22, меѓу кои и пет спасувачи. Сите повредени се пренесени во болници и им се укажува медицинска помош, а дополнително се спасени 32 лица.

Спасувачките операции продолжуваат во Дњепровскиот и Дарницкиот реон на Киев.

Според официјалните информации, во ноќта на 9 јануари руските сили го нападнале Киев со беспилотни летала и ракети, при што украинските системи за противвоздушна одбрана биле активно ангажирани.

Македонски