Студено утро низ земјава: Најниска температура измерена на Попова Шапка (-11°C)

6

Утрово низ државата се регистрирани ниски температури, при што најстудено било на Попова Шапка, каде се измерени -11 степени Целзиусови, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Температури под -8 степени се забележани во Куманово (-9), како и во Скопје-Петровец, Берово и Крива Паланка со измерени -8 степени. Во Тетово, Демир Капија и Маврови Анови утринската температура изнесувала -7 степени, додека -6 степени се регистрирани во Скопје – Зајчев Рид, Струмица, Велес, Штип, Виница, Кавадарци и Крушево. Во Прилеп се измерени -5 степени, во Гевгелија и Претор -3, а во Охрид и Битола -2 степени Целзиусови.

Во периодот од изминатите 24 часа, заклучно до 7 часот изутрина, најмногу врнежи се регистрирани во Охрид со 5 литри на квадратен метар, потоа во Маврови Анови со 3 l/m², како и во Тетово, Демир Капија и на Пожар со по 2 l/m². По еден литар на квадратен метар наврнал во Крива Паланка и Крушево. Снежна покривка од еден сантиметар е измерена само во Крива Паланка.

Според прогнозата на УХМР, денеска времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во западните и северните делови од земјата се очекуваат повремени врнежи од дожд, а на планините снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а максималните дневни температури ќе се движат од 3 до 9 степени.

Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали, додека во текот на ноќта ќе има услови за повремен дожд. Максималната дневна температура во главниот град ќе достигне околу 4 степени Целзиусови.

Македонски