СДСМ се спротивставува на најавената лидерска средба, оценувајќи дека таа има за цел создавање алиби за распишување предвремени парламентарни избори. Претседателот на партијата, Венко Филипче, изјави дека социјалдемократите нема да учествуваат во, како што рече, однапред подготвено сценарио.
Филипче нагласи дека Техничката влада мора да остане, бидејќи, според него, актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја узурпирала целата власт, вклучително и судството и обвинителството.
„Нема да одржиме состанок за техничката влада. Мицкоски е заглавен, брза и бара алиби за прогласување предвремени избори. Ова е сценарио планирано уште минатата година, кое СДСМ јавно го разобличува веќе два месеца. Станува збор за предвремени избори и примање мигранти за пари. Во буџетот нема пари, власта брза да прима мигранти, да земе кредит од 6 милијарди евра и по 20 илјади фунти за секој примен мигрант, како што објавија британските медиуми“, изјави Филипче.
Лидерската средба сè уште не е официјално свикана, туку само најавена за следната недела. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека таа е неопходна за разговор со лидерите на сите парламентарни партии за повеќе прашања, меѓу кои укинување на Техничката влада, измените на Законот за Судскиот совет и Законот за јавни обвинители, промени во Изборниот законик, избор на Народен правобранител, како и европските интеграции.
Мицкоски истакна дека владејачкото мнозинство има доволно гласови за законски измени и без согласност од опозицијата, но дека сака процесот да биде инклузивен.
„Со 61 пратеник можеме да го измениме Законот за Влада и да ја укинеме техничката влада. Не ни е потребно мислењето на опозицијата, но сакаме процесот да биде сеопфатен. Имаме речиси двотретинско мнозинство во Собранието и околу 90 отсто од градоначалниците се од владејачката коалиција. Сепак, сакаме одговорен пристап, а не незрело однесување“, рече Мицкоски.
Коалицискиот партнер ВЛЕН ја поддржа иницијативата за лидерска средба.
„Коалицијата ВЛЕН ја поздравува иницијативата на премиерот. Отворени сме за секоја средба што има за цел подобро функционирање на институциите и решенија во интерес на граѓаните. Секоја официјална покана ќе ја разгледаме одговорно“, соопштија од ВЛЕН.
Премиерот најави дека средбата би се одржала пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос, а агендата, според него, може да се прошири со предлози од другите партии.
Од ДУИ велат дека ќе се изјаснат откако официјално ќе ја добијат поканата.
„Поканата сè уште не е испратена. Кога ќе ја добиеме, ќе ја разгледаме и ќе донесеме одлука за учество“, соопштија од партијата.
Според законот, Техничка влада се формира 100 дена пред избори и во неа премиерот е од актуелната влада, додека пет министерства се распределуваат меѓу власта и опозицијата: внатрешни работи, социјална политика, финансии, информатичко општество и администрација и земјоделство. Последната Техничка влада беше формирана на 28 јануари 2024 година, пред изборите одржани на 8 мај, со премиер Талат Џафери од ДУИ.