Бејта од Чегране и Форино: Најави нови инвестиции и победа на изборите во Гостивар
Во рамки на предизборната кампања, кандидатот за градоначалник на Општина Гостивар, Невзат Бејта, поддржан од Коалицијата Вреди, оствари низа средби со жителите на населените места во источниот дел на општината, при што ги слушна нивните проблеми, барања и очекувања од идната локална власт.
При посетата на селото Чегране, Бејта потсети на проектите реализирани во неговиот претходен мандат, меѓу кои асфалтирањето на патот Чегране – Тумчевиште и уредувањето на спортската сала, нагласувајќи дека жителите изразиле благодарност за направеното. Тој најави дека во наредниот мандат ќе биде изграден и Дом на културата.
Кога ја водев општината, ветив и реализирав. Сега ветувам дека во овој мандат ќе го изградиме и Домот на културата. Од Чегране ја најавувам победата на овие избори – истакна Бејта.
Тој најави и зголемена финансиска поддршка за прволигашот ФК „Арсими“, кој, како што рече, е гордост на Чегране, како и поддршка за културно-уметничкото друштво „Јахи Хасани“.
На средбите со граѓаните, Бејта нагласи дека неговата програма предвидува нови инвестиции, подобрување на јавната хигиена преку поставување подземни контејнери, како и поголема грижа за зелените површини.
Време е да ја зајакнеме локалната економија, преку поддршка на домашните бизниси и намалување на невработеноста. Тоа е јасно зацртано во нашата програма – порача кандидатот.
Претходно, на средба со жителите на Форино, Бејта ја претстави изборната програма за повторните избори, во која се предвидува реализација на 25 проекти во рок од една година, меѓу кои и изградба на нов пат кон Гостивар, со цел растоварување на сообраќајот во регионот.
По 11 јануари нè очекуваат големи работи, за да создадеме општина со функционални населени места и современи услови за живот – истакна Бејта.
Во текот на денот, кандидатот за градоначалник имаше средби и со жителите на селото Чајле и населбата Питарница, каде, како што рече, слушнал многу незадоволство поради, според граѓаните, игнорирањето од страна на локалната власт во изминатите осум години.
Луѓето се разочарани, но истовремено благодарни за проектите реализирани во мојот мандат. Со победата на 11 јануари ќе го вратиме институционалното внимание, одржливиот развој и неопходните инвестиции во секоја населба на Гостивар – порача Бејта.
На средбите поддршка за кандидатот на Коалицијата Вреди изразија и првиот вицепремиер Беким Сали, како и министерот за здравство Азир Алиу.