Над 2,1 милион активни мобилни претплатници во земјава, водство на А1 и Македонски Телеком
Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија заклучно со третиот квартал од минатата година изнесува 2.105.467, при што се реализирани вкупно 1.299.617.051 минути разговор, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Од вкупниот број претплатници, 833.089 се резиденцијални припеид корисници, 1.024.072 се резиденцијални постпеид, додека 248.306 се деловни постпеид претплатници.
Според уделот на пазарот, А1 Македонија има најголем дел од вкупниот број мобилни претплатници со 47,41 проценти, следи Македонски Телеком со 46,68 проценти. М ТЕЛ учествува со 4,55 проценти, Телекабел со 1,27 проценти, а Греен мобиле со 0,10 проценти.
Во однос на приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги на малопродажно ниво во третиот квартал од 2025 година, води Македонски Телеком со удел од 49,49 проценти, веднаш зад него е А1 Македонија со 48,58 проценти. М ТЕЛ остварува 0,93 проценти од приходите, Телекабел 0,79 проценти, а Греен мобиле 0,11 проценти.
Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во третиот квартал имале вкупно 1.781.697 претплатници.
Податоците на АЕК покажуваат и дека во истиот период во државава биле евидентирани 459.643 фиксни телефонски линии. Најголем удел има Македонски Телеком со 51,68 проценти, следи А1 Македонија со 43,34 проценти, Телекабел со 3,17 проценти, Неотел со 1,26 проценти и Актон со 0,55 процент.