Поплави во повеќе региони: Евакуирано население во Кичево, излеани реки во Охридско и Гостиварско

6

Обилните врнежи од дожд во изминатите 24 часа предизвикаа поплави во повеќе региони низ земјава. Во Кичево веќе е извршена евакуација на населението, додека реки се излеваат во Гостиварскиот и Охридскиот регион, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во Општина Кичево, поплавите на улицата „Прилепска“ принудија евакуација на околу 100 лица. Граѓаните се привремено сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде екипи на Црвениот крст и Дирекцијата за заштита и спасување обезбедија храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.

Во Кичево се излеа Зајашка река кај стадионот „Влазрими“, а реката Треска поплави земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци и Вранешти.

Во Општина Охрид, реката Далјан излезе од своето корито на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, подруми и дворови низ градот. Од ЦУК информираат дека кризниот штаб е на терен и ги координира спасувачките активности.

Патниот правец меѓу селата Форино и Тумчевиште во Општина Гостивар е речиси непрооден. Лакавичка река се излеа кај селото Мало Турчане, додека Сушечка река излезе од коритото во Горна Бањица.

Синоќа од ЦУК соопштија дека поради обилните врнежи повторно дошло до свлечиште на патот кон тетовското село Бањиче, поради што се апелира до граѓаните да не патуваат по оваа делница.

Поради значителното зголемување на водостојот на реките и поплавените домови во Битолскиот и Преспанскиот регион, во 9 часот е свикан итен состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, на кој се утврдуваат приоритетите и координацијата на активностите на терен.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска издаде „жолто ниво“ на предупредување од поплави, односно постои потенцијална опасност од локално излевање на реките и суводолиците. Според објавената карта, под потенцијален ризик се наоѓаат околу две третини од територијата на Македонија, додека релативно побезбедни се делови од Источна и Југоисточна Македонија.

Македонски